Со што заслужив?

На Камп сме. Тука ритамот на денот е секогаш динамичен. Тренинзи со моите Воини од утро до мрак, а кога нема тренинзи – тогаш јас ги подготвувам тренинзите.
А во текот на денот, секогаш одвојувам малку време да ги прегрнам моите дечиња, бидејќи знам дека им недостасувам, бидејќи тие мене ми недостасуваат многу.

И така, Ксенче си вози хаврборд, а јас ја придржувам да не падне, кога таа наеднаш нагло сврти и со тркалото ми помина преку палецот. Хаврбордот е доста тежок, ама со Ксенија на него, тежи речиси 40 килограми.

Само што ми помина преку прстот, едно парче од кожата се скина и остана на тркалото. Влегов брзо во куќата за да не ме види Ксенче дека тече крв, да не се вознемири, а потоа откако влезе таа по мене, скришно и избегав кон доџото да се сокријам од неа – додека да подзаборави.

И одам кон Хомбу-то, а Воините играат некоја друштвена игра со карти за време на паузата. И само што ме забележија, сите загрижени почнаа да ме прашуваат што ми се случило. Ама во нивните очи се читаше онаа вистинска загриженост, а не само поради бон-тон.
Со што заслужив толкава љубов и почит од нив, си помислив по не знам кој пат.
Одговорот го добив за кратко.
Се вратив назад во куќата и Ксенче ме гледа како поткривнувам и со прегратка ми вели: „Тато, сега ќе одмориш еден тренинг, не можеш да вежбаш ваков повреден. Јас не те пуштам“.
А јас и одговорив: „Тоа не може да се случи никако сонце мое. И ногата да ја загубам, јас повторно ќе им одржам тренинг. Па тие дошле тука поради мене, да научат повеќе. Како можам да не им предавам?“

И нормално, веќе за половина саат од „повредата“, си одржав тренинг како ништо да не се случило.

Љубовта е двонасочна. Почитта – исто така. Дајте – за да Ви дадат. Ама искрено, без очекување нешто за возврат. Бидејќи давањето за да добиеш нешто назад не заслужува ниту љубов, ниту почит.

Јас сум среќен човек.

Големото Мече со кадифено срце

Има еден проби/штипјанец во нашето доџо, име му е Саше Гацев. Големото Мече, знаеме да го наречеме понекогаш. Корпулентен момак, а со кадифено срце. Ќе му дадеш задача, ќе се насмевне симпатично и добродушно и без поговор ќе ја заврши. Ќе му кажеш „благодарам“, а тој само ќе ти каже „нема проблем“. Понекогаш тешко може да ја контролира силата. Сепак станува збор за маса. Ама на крајот од техниката не можеш да му замериш, кога тој ќе ти подаде рака и ќе те прегрне. Саше вежба и кога му е тешко. Си офка на тренинг понекогаш, ама не се откажува никогаш. Само ќе слушнеш пред Џунан Ундо: „Сенсеи, може да капнам малку“, додека мафта со шишенцето во воздухот.
На тој истиот Саше сме му благодарни и што ни овозможи повторно блогот да ни профункционира.

И така во понеделникот доаѓа Саше на тренинг, еден ден после планинарски поход односно по неколкудневно пешачење и додека му честитам, ми вели:

– Сенсеи, јас планирав да го поминам само првиот дел од патеката, ама секој пат си викав дека можам повеќе. И да бидам искрен, не почустував некој голем замор. Дури сега сфаќам што значи тренингот во Буџинкан Македонија. Ништо посебно не се спремав за трансферзалата, а ја поминав без некои поголеми маки. Ние не само што сме одлично физички подготвени преку нашите семинари и тренинзи, туку уште повеќе сме силни ментално. Сите наши редовни членови би можеле да планинарат без никаков проблем, ама планинарите нема шанси да ги издржат нашите тренинзи без никаков проблем. Дури сега сфаќам што значи Буџинкан Македонија.

Вака отприлика си течеше резговорот со нашиот Саше. Големото Мече со кадифено срце е ученик и другар што секој би го посаккал близу себе.

———————————————————-
После поголема пауза, блоговите ќе продолжат да се множат повторно. Поради летните кампови сега многу ретко, ама од септември повторно почесто.

Викендов имавме одличен семинар. Беше толку одличен што дури откако завршивме си признавме самите меѓу себе: „Еј, па и не беше толку лесно“.
Беше толку одличен што за време на двата дена не почуствувавме ниту глад, ниту жед, ниту жештина.

Многумина од Вас дури по некое време ќе сфатат што значи Буџинкан Македонија.